Вецлар го носи Паличка во Бундеслигата уште зимава

Според информациите на германскиот весник „Билд“, шведскиот голман Андреас Паличка би можел да се врати во Бундеслигата порано од очекуваното, иако неговиот трансфер во Фуксе Берлин е планиран дури за следната сезона.

Причината за промената на плановите се финансиските проблеми со кои се соочува норвешкиот шампион Колстад.

Клубот наводно е подготвен да го отстапи Паличка на позајмица, со цел да го растовари буџетот и да ја стабилизира финансиската состојба.

Во целата ситуација како сериозен кандидат се појавува Вецлар, клуб кој се наоѓа во незавидна позиција во Бундеслигата и активно бара засилувања во борбата за опстанок.

Германскиот тим е заинтересиран да го доведе искусниот чувар на мрежата на позајмица до крајот на сезоната, сметајќи дека неговото искуство и квалитет би можеле да бидат клучни во пресудните натпревари.