1% шанса, 99% верба: Ламин Јамал и Рафиња во мисија за нова историска „Ремонтада“

Играчите на Барселона, Ламин Јамал и Рафиња, во радост

Пред реваншот од Копа дел Реј, каде Барселона се соочува со огромна негатива од 4-0 по првиот меч против Атлетико Мадрид, соблекувалната на „каталонците“ одбива да ја развее белата сигнaлна застава. Ламин Јамал, тинејџерот кој стана симбол на новата надеж, испрати јасен апел до навивачите: „Магијата може да се случи! Мораме да веруваме, заедно со сите наши обожаватели“.

Јамал е свесен дека против дефанзивниот бедем на Симеоне, тимот не може сам. „Дојдете на стадионот, ајде да го направиме ова. Потребни сте ни“, порача тој, повикувајќи на атмосфера која ќе ги натера „Јорганџиите“ да се повлечат под притисокот на трибините.

Иако статистиката е сурова кон Барса, Рафиња ја прифати улогата на психолошки лидер. Бразилецот, заедно со Јамал, ја споделија добро познатата максима: „1% шанса, 99% верба“, потсетувајќи дека во фудбалот ништо не е готово додека не отсвири последниот свиреж. Против екипа како Атлетико Мадрид, која ретко испушта ваква предност, Рафиња бара фокус кој ги надминува тактичките замисли: тој бара фанатизам.

Неговата порака до навивачите е јасна потврда за заедништвото: „Сметаме на вас“. Социјалните мрежи „горат“ од неговиот повик, кој има за цел да ја претвори невозможната мисија во реална надеж за историски пресврт.

За да се анулираат четири гола против „машинеријата“ на Симеоне, потребен е перфектен натпревар. Барселона вечерва не игра само за пласман понатаму, туку за својата чест и за докажување дека духот на клубот е посилен од кој било резултат.

Вечерва тактиката паѓа во втор план пред силата на волјата. Пораката од Јамал и Рафиња е веќе врежана кај секој навивач кој ќе се појави на стадионот: Сè додека има барем еден процент надеж, Барса нема да престане да верува во магијата на Купот.