Репрезентацијата се собра пред евро-квалификациите

Македонската ракометна репрезентација повторно е на собир, а пред избраниците на Кирил Лазаров е нов предизвик на патот кон континенталниот собир во 2028 година. Подготовките за претстојните квалификациски натпревари официјално започнаа денеска во Скопје, каде репрезентативците се собраа во хотелот „Александар Палас“ Посебен момент на првиот собир беше пречекот од маскотата Шарко, која ги поздрави ракометарите и внесе дополнителна атмосфера во репрезентативниот камп.
На располагање на селекторот Кирил Лазаров на првиот ден му се ставија 12 ракометари, додека преостанатите репрезентативци се очекува да пристигнат во текот на вечерта. Дополнително, националниот тим ќе биде засилен и со играчите на Вардар и Еурофарм Пелистер, кои ќе се приклучат по завршувањето на меѓусебното дерби во „Јане Сандански“.
Првиот предизвик за Македонија во квалификацискиот циклус ќе биде селекцијата на Луксембург. Натпреварот е закажан за 4 ноември во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, со почеток во 19:00 часот.
По премиерата пред домашната публика, македонските ракометари ќе заминат на гостување во Грција, каде ќе го одиграат вториот натпревар од квалификациската група.