Реми на претпазливите Пелистер и Силекс на „Петар Милошевски“

Пелистер и Силекс одиграа без голови во дуелот од претпоследното 21. коло на ПМФЛ, но зад најнепопуларниот фудбалски резултат се крие сторија за два различни стратешки обиди и два различни начини да се оди кон победата.
Домашните оптоварени од психолошката важност на мечот кој има свое влијание во борбата за опстанок, фрлија сѐ на картата да направат почетен притисок и да постигнат брз гол со кој би го скршиле отпорот на гостите, за кои овој меч не носеше посебна резултатска мотивација. Сосема спротивно, тие покажаа сила да одолеат на првичниот притисок, а во вториот дел ја преземаа иницијативата и почнаа да создаваат шанси за гол.
Во првиот дел два сериозни обида за домашните имаше Булатовиќ, првиот пат со глава, а вториот по асистенцијата на Бошковски, но непрецизно. Ангелевски се обиде соло продор, но успеа да изнуди само корнер по шутот по средина на шеснаесетникот.
Васоски направи повеќе измени во вториот дел и Силекс „живна“ заканувајќи се сериозно во 62 минута, кога Мирчевски имаше ситуација да го отвори резултатот, но голманот Јовчевски покажа и храброст и зрелост, па со својата интервенција ја сочува мрежата. Теренската иницијатива донесе нова шанса во 82 минута, кога Мигуел Пиреш во опасен контра напад продолжи сам очекувајќи пенал поради парадата на Јовчевски, но факт е дека на спротивната страна имаше слободни соиграчи кои можеа да реализираат.
Битолчани успешно парираа на уште еден тим од „големата четворка“, за разлика од претходниот дуел со Шкендија во Тетово, изостанаа шансите во второто полувреме. По корнерот на Србијанац еден непрецизен удар на Керим само измами воздишки, а исто така и едно успешно проигрување од Гроздановски во 84 минута остана без соодветна реализација. На самиот крај, Силекс изнуди неколку корнери, но изостанаа шансите за гол.
Силекс со овој бод го зголемува своето салдо на 39 поени и останува на четвртата позиција, десет бода оддалечен од Башкими кој е предводник на групата тимови со приближен број бодови како нив. Пелистер со 21 поен останува на третата позиција од дното на табелата, со Македонија ЃП и Арсими како директни ривали во борбата за опстанокот.
Во 22 коло Пелистер ќе гостува кај Тиквеш, додека Силекс е домаќин на Вардар.