Милано во црвено-црно: Историски триумф над Интер за враќање на неизвесноста

Играчите на Милан слават по постигнат гол над ривалот Интер

Уште од првиот свиреж, атмосферата на Сан Сиро беше наелектризирана. Избраниците на Масимилијано Алегри наметнаа висок интензитет и агресивен пресинг, што за малку ќе вродише со плод уште во 3. минута. Лука Модриќ се обиде да ја искористи ретката грешка на голманот Јан Зомер, но неговиот обид заврши за малку покрај голот. Од друга страна, Интер под водство на Кристијан Чиву, тешко го наоѓаше својот ритам во отсуство на клучниот Лаутаро Мартинез. Иако „Нероазурите“ имаа поголем посед на топката, одбраната на Милан, предводена од Страхиња Павловиќ, делуваше непремостливо.

Синџирот беше конечно скршен во 35. минута. Јусуф Фофана, моторот во средниот ред на „Росонерите“, испрати прецизно додавање до Первис Еступињан. Еквадорскиот бек мајсторски го искористи слободниот простор на левата страна и со силен удар ја заби топката под пречката. Овој погодок влезе во историјата, бидејќи Еступињан стана првиот Еквадорец кој постигнал гол во славното градско дерби „Дела Мадонина“.

Во второто полувреме, Интер фрли сè на една карта во очајнички обид да израмни. Федерико Димарко и Хенрих Мхитарјан имаа златни прилики, но Мењан уште еднаш потврди зошто е меѓу светската елита на голмани. Како што одминуваше времето, тензијата на теренот достигна точка на вриење.

И покрај добртие шанси на „Сино-црните“, Милан издржа до крајот, запишувајќи уште една „чиста мрежа“ што уште еднаш ја потврдува нивната дефанзивна доминација сезонава.

Оваа победа има огромно значење. За првпат по сезоната 2010/11, исто така под водство на Алегри, Милан успеа двапати да го совлада Интер во рамките на една првенствена сезона. Дополнително, со овој резултат „Росонерите“ ја продолжија низата од седум натпревари без пораз против најголемиот ривал во сите натпреварувања.

Што е уште поважно, трите бода драстично ја променија сликата на табелата во Серија А. Предноста на Интер е намалена од десет на седум бода, на десет кола до крајот. Иако лидерот и понатаму е фаворит со 67 бодови, Милан со 60 е подготвен да го искористи секој следен кикс. Трката за титулата, за која многумина сметаа дека е веќе решена, сега е повторно целосно отворена.