Брера откина бод од гостувањето во Тетово

Шкендија одигра 1-1 против Брера во натпреварот од 22. коло на Првата македонска фудбалска лига. Тетовци имаа водство и покрај тоа што поголем дел од мечот играа со фудбалер помалку, поради исклучувањето на Имран Фетаи, но гостите стигнаа до бод со погодок во 95. минута.

Клучен момент се случи во 16. минута кога Имран Фетаи направи прекршок на работ од шеснаесетникот. По ВАР-проверка, судијата му покажа директен црвен картон, па Шкендија остана со играч помалку уште во раната фаза од средбата.

И покрај хендикепот, домаќините не се повлекоа. Продолжија со напаѓачка игра и во 33. минута успеаја да поведат. Ендрит Красниќи најдобро се снајде во противничкиот казнен простор и ја затресе мрежата за водство од 1-0, резултат со кој се замина и на паузата.

Во второто полувреме Шкендија повторно се обиде да ја задржи иницијативата, но постепено Брера почна да игра поофанзивно и сѐ почесто ја пренесуваше играта на противничката половина.

Како што одминуваше времето, струмичани сѐ повеќе ја преземаа контролата, додека тетовци се обидуваа со измени да внесат свежина во составот. Сепак, кога се чинеше дека Шкендија ќе ја задржи минималната предност, гостите дојдоа до погодок во самата завршница.

Во 95. минута, Брера изведе брз противнапад, Никола Величковски ја упати топката кон голот, а Виктор Велкоски со удар со глава ја испрати топката во мрежата и ги постави конечните 1-1. До крајот немаше време за нова реакција на домаќините.

За Брера ова реми претставува значаен бод во борбата за опстанок, додека Шкендија пропушти можност да остане чекор со лидерот Вардар, кој сега има три бода предност на врвот на табелата.