Родри помина со „солена“ казна: ФА му прогледа низ прсти на Шпанецот за нападот врз судиите

Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) официјално го санкционираше играчот од средниот ред на Манчестер Сити, Родри, со парична казна од 80.000 фунти поради неговите контроверзни изјави по ремито (2-2) против Тотенхем. Иако финансискиот удар е сериозен, некогашниот освојувач на „Златната топка“ избегна спортска санкција. Тоа значи дека Пеп Гвардиола ќе може да смета на својот клучен играч во пресудниот дел од сезоната.
Дисциплинската постапка беше покрената по жестокото интервју во кое Шпанецот ја доведе во прашање „неутралноста“ на главниот судија Роберт Џонс. Револтот кај Родри кулминираше по израмнувачкиот гол на Доминик Соланке во 70-тата минута, кој беше признаен и покрај очигледните сомнежи за фал врз Марк Гехи. „Знам дека освоивме премногу и дека луѓето не сакаат повторно да победиме, но судијата мора да биде неутрален“, изјави тогаш Родри, алудирајќи на наводен анимозитет кон неговиот клуб. Овие зборови беа оценети како прекршување на правилото кое строго забранува секаков напад врз интегритетот на официјалните лица.
Пред независната регулаторна комисија, Родри го призна прекршокот, но неговиот правен тим вешто маневрираше за да избегне забрана за играње. Клубот приложи докази од минати слични случаи со менаџери како Френк Лампард и Марко Силва, кои за слични испади поминаа само со парични казни. Дополнително, шпанскиот репрезентативец достави писмено објаснување во кое појасни дека неговиот коментар за „премногу победи“ се однесувал на перцепцијата на јавноста, а не на судиите лично. Тој изрази жалење, потенцирајќи дека изјавата била плод на моментална фрустрација, а не намера за клевета.
Покрај глобата од 80.000 фунти, ФА му изрече и последна опомена на фудбалерот за неговото идно однесување. За „Граѓаните“, ваквиот исход е огромно олеснување, бидејќи евентуално отсуство на нивниот тактички столб во овој период би било катастрофално во борбата со лидерот Арсенал. Иако куќата на англискиот фудбал јасно стави до знаење дека нема да толерира сомнежи во непристрасноста на судиите, сепак беше пресечено дека овој инцидент не го поминал прагот за драстична спортска казна.