Двојна круна за Савовски и Панатинаикос во Грција

Македонскиот репрезентативец Филип Савовски премиерната сезона во грчкото првенство во дресот на Панатинаикос ја завршува со двојна круна – шампион и освојувач на Купот.

Во финалето на плејофот Панатинаикос славеше со 3-1 во победи над ПАОК и со тоа стигна до 28. шампионска титула во клупската историја, а за првпат по 41. година успеја да ја одбрани титулата, односно втора година во низа ќе остане на врвот во Грција. Истовремено по петти пат во историјата клубот ја освојува двојната круна.

Во четвртиот натпревар од серијата на гостински терен Панатинаикос победи со 3:1 (25:22, 32:34, 26:24, 25:20) по голема борба и маратонски дуел кој траеше скоро два ипол часа.

Официјалното крунисување и шампионската прослава е закажана за в четврток во домот на Панатинаикос, салата „Павлос Saнaкопулос“ во Атина.