Мурињо на крстопат: Бенфика му понуди нов договор

Португалскиот стратег Жозе Мурињо потврди денеска дека има понуда за продолжување на договорот со Бенфика и оти не знае дали има понуда и да се врати на клупата на Реал Мадрид, каде што беше тренер од 2010 до 2013 година.

„Во средата добив понуда од Бенфика за продолжување на договорот. Мојот агент ја прими понудата, но не сакав да ја видам, да знам за неа или да ја анализирам. Тоа ќе го направам дури од недела“, изјави 63-годишниот Мурињо денеска на прес-конференција во Лисабон.

Бенфика е третопласирана на табелата во португалското првенство пред дуелот од последното коло, в сабота против Есторил.

„Што се однесува до Реал Мадрид, мојот агент не ми кажа дека има понуда. Но, дури и ако ми кажеше дека има, ќе му го кажев истото дека не сакам да ја видам. Немам никаков контакт со Реал Мадрид, ниту со претседателот, ниту со која било друга личност од раководната структура“, додаде Мурињо.