Караванот „Денови на спортот“ стигна во Куманово

Во организација на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, со поддршка на Владата и Министерството за спорт, денеска во Спорстката сала во Куманово се одржува караванот „Денови на спортот“, дел од „Плазма спортските игри за млади“, најголемата аматерска спортска манифестација во Европа, која за првпат се организира во Македонија.

На зонското првенство учествуваат над 300 ученици од основните училишта од Куманово, Старо Нагоричане, Ранковце, Кратово и Крива Паланка, во машка и женска конкуренција. Учениците ќе се натпреваруваат во мал фудбал, одбојка, ракомет, народна, баскет 3×3, тенис, пинг-понг, шах и атлетика.

Спортските игри свечено ги отвори градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, кој истакна дека настанот претставува можност преку спортот да се промовираат здрави животни навики, фер-плеј, пријателство и позитивни вредности кај младите.

-Сакам да се заблагодарам на Федерацијата за училишен спорт на Македонија, Министерството за спорт, Владата и организацијата на Плазма спортските игри што Куманово има можност да биде домаќин на овој голем спортски настан. Прекрасна е глетката да се видат млади ентузијасти, од кои дел еден ден ќе станат и професионални спортисти. Општината ќе продолжи да вложува во развојот на спортот, преку подобрување на условите и изградба на нови спортски капацитети- изјави Димитриевски.

Претседателката на Федерацијата на училишен спорт, Елена Мицковска на учениците им посака фер-плеј, да уживаат во натпреварите, да создадат убави спомени и да учествуваат на финалните настани, како и во Сплит, во август.

Од Општина Куманово посочуваат дека локалната самоуправа и понатаму останува поддржувач на младите, масовниот спорт и здравиот начин на живот, со цел создавање активна и инклузивна средина за младите генерации.