ФФМ го осуди однесувањето на присутните на прославата на ФК Вардар

Фудбалската Федерација на Македонија предмалку со официјално соопштение ги осуди последните настани по повод прославата на титулата на ФК Вардар и недоличното однесување на целокупниот екипаж. Содржината на социјалните мрежи преку кои целата јавност беше сведок на недоличното однесување и скандалозните пароли пренесени од ФК Вардар се за секаква осуда, на кои што секако се приклучува и Фудбалската Федерација на Македонија.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) изразува осуда за навредливото и недолично однесување на ФК Вардар при прославата на победата и обезбедувањето на титулата шампион на Македонија.
ФФМ отсекогаш апелирала и повикувала на достоинствен начин на однесување при победите и на понизност при поразите.
Особено е неприфатлива потребата да се повикуваат навредливи содржини и да се пее вулгарни и навредливи текстови при прославувањето на победата. Ваквото однесување е недолично без разлика кон кого е насочено, без разлика дали станува збор за јавни личности, за навивачи на другиот тим, за фудбалери или за кој било друг.Ривалитетот меѓу екипите е посакуван и здрав само кога е достоинствен и исполнет со меѓусебна почит, а секаква форма на говор на омраза, навреди и неспортско однесување нема место во фудбалот.
ФФМ, како и во претходните ситуации кога беа казнувани екипите на ФК Тиквеш, ФК Осогово, ФК Вардар и други, ќе постапува согласно своите пропозиции и дисциплинските правилници. По овој повод, Дисциплинскиот инспектор при ФФМ веднаш ќе отвори постапка против клубот во врска со последните случувања. Фудбалската федерација на Македонија останува посветена на промоција на фер-плејот и нема да дозволи ничие однесување да го наруши интегритетот на натпреварувањата.