Гаруба е сериозно повреден, го чека подолга пауза

Реал Мадрид официјално потврди дека Усман Гаруба „заработил“ целосно кинење на Ахиловата тетива на левата нога.

Дваесет и четиригодишниот шпански репрезентативец се повреди на натпреварот против Валенсија, кога на почетокот од последната четвртина падна на паркетот и веднаш беше јасно дека станува збор за сериозна повреда.

Лекарската екипа веднаш реагираше, а Гаруба со помош на соиграчите го напушти теренот бидејќи не можеше сам да оди.

По деталните прегледи, од Реал потврдија дека станува збор за една од најтешките спортски повреди и дека кошаркарот во наредните денови ќе биде подложен на операција.

Гаруба оваа сезона одигра 40 натпревари во Евролигата и имаше важна улога во тимот, особено по повредата на Валтер Таварес.