Димитриевски: Подготвени сме за Босна, сакаме добар натпревар во двата правци

Македонската репрезентација утре во Сараево ќе го одигра пријателскиот натпревар против Босна и Херцеговина, а пред дуелот со домаќинот на прес-конференција говореше голманот Столе Димитриевски.
Искусниот чувар на мрежата истакна дека атмосферата во националниот тим е одлична и покрај промените во составот во однос на претходните собири.
„До претходниот натпревар секое мое присуство на прес-конференција значеше „чиста мрежа“. Се надевам дека ќе се вратиме на тоа. Сега се подготвуваме за Босна и Херцеговина и сакаме да одиграме квалитетен натпревар во двата правци.
Подолго време сум во добра форма и се чувствувам одлично. Мислам дека влегувам во најдобрите денови од кариерата. Кај нас голманите тоа доаѓа малку подоцна, но се надевам дека ќе продолжам во ист ритам и ќе ѝ помогнам на Македонија и на идеите на селекторот.
Ќе видиме како ќе се развива натпреварот. Работевме на сите сегменти од играта, добро се подготвивме и направивме квалитетна анализа. Се надеваме дека ќе извршиме поголем притисок на противничката половина.
Натпреварите од Лигата на нации што следуваат се најважни за нас, а Босна е селекција која по стилот многу наликува на репрезентациите што нè очекуваат во наредниот период.
Новите фудбалери имаат потенцијал. Треба постепено да се вклопат во тимот, а добро беа прифатени од нас поискусните. Потребно е да продолжат да работат, да се борат и да ја заслужат шансата да играат за Македонија и во следниот циклус“, изјави Димитриевски.