Американците моќно го надиграа Парагвај

Соединетите Американски Држави (САД) имаа старт од соништата на Светското првенство откако со 4-1 беа подобри од Парагвај во првиот меч.

Се очекуваше многу порамноправен натпревар, но Парагвајците направија многу грешки и на крајот го платија данокот за тоа.

Мечот беше отворен уште во седмата минута кога Бобадиља си постигна автогол за водство на САД од 1-0.

Во 31. минута по асистенција од Пулишиќ, Балоган реализираше за зголемување на 2-0. Три минути претходно на истиот фудбалер му беше поништен гол поради офсајд.

Длабоко во судиското продолжение од првото полувреме, Балоган пак даде гол, реализираше убав погодок за 3-0.

Парагвај успеа да намали на 3-1 во 73. минута со гол на Маурисио и да ја врати надежта дека може да избегне пораз.

Конечните 4-1 ги постави нововлезениот Реина со прекрасен погодок во 98. минута.