Ѓорѓиевски: Ќе дадам максимум за Шкендија да биде првак

Марко Ѓорѓиевски и официјално ја продолжува кариерата во Шкендија, откако потпиша двегодишен договор со тетовскиот клуб.

Според Ѓорѓиевски, пораките од симпатизерите на Шкендија почнале да пристигнуваат уште минатата сезона, а во последните недели интересот бил уште поголем.

„Искрено, вакво нешто никогаш не сум доживеал. Во ниту еден клуб каде што сум играл не сум добил толку многу пораки од навивачи. Тоа навистина ме направи среќен и се надевам дека ќе ги оправдам нивните очекувања. Поддршката што ја почувствував беше огромна. Луѓето секојдневно ми пишуваа и ме убедуваа да дојдам во Шкендија. Тоа многу влијаеше врз мојата одлука и затоа без двоумење го прифатив предизвикот. Сите знаат дека Шкендија е еден од најголемите клубови во Македонија. Амбициите на клубот се поклопуваат со моите. Сакам да освојуваме трофеи и заедно да оствариме големи успеси“, изјави тој.

Напаѓачот откри дека и минатото лето бил блиску до преселба во Тетово, но тогаш ја избрал понудата од романски Клуж. Сепак, потенцира дека организацијата во Шкендија е на исклучително високо ниво и дека клубот ужива сè поголем респект и надвор од Македонија.

„Иако Клуж е голем клуб со богата историја, сметам дека Шкендија е одлично организирана. По победите над ФЦСБ, во Романија сите почнаа да гледаат со многу поголема почит кон Шкендија. Тоа е клуб кој веќе има сериозен европски углед“, истакна Ѓорѓиевски.