Бабукар Гаје е сериозно повреден, Шкендија долго без првиот голман

Новата сезона во Првата македонска фудбалска лига стартува денеска, а Шкендија ќе ги започне првенствените обврски без својот прв голман Бабукар Гаје.
Чуварот на мрежата на тетовскиот клуб ќе биде надвор од терените во наредните две до три недели поради повреда, што значи дека ќе ги пропушти првите неколку кола од домашниот шампионат, како и важниот реванш против словенечки Браво во квалификациите за Конференциската лига.
Гаје бранеше на првиот натпревар против Европа на Гибралтар, но по тој дуел почувствувал проблеми, по што бил подложен на детални лекарски прегледи. Медицинските наоди покажале дека му е потребна терапија и период на рехабилитација, поради што стручниот штаб нема да може да смета на него во следниот период.
Поради повредата, Гаје не настапи на реваншот против Европа, а го пропушти и првиот дуел со Браво во Љубљана. Неговото место меѓу стативите го зазеде Амзаи, кој ќе ја има довербата на тренерот и на стартот од новата сезона, сè додека првиот голман не биде целосно подготвен за враќање на терените.