Црногорецот Игор Марковиќ е нов селектор на женската ракометна репрезентација на Македонија

Ракометната федерација на Македонија ја информира јавноста дека Игор Марковиќ е именуван за нов селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија.
Марковиќ е роден на 16 декември 1981 година во Цетиње, Црна Гора. Како играч настапуваше на позицијата лево крило и зад себе има богата и успешна кариера, бранејќи ги боите на РК Ловќен, Будуќност Подгорица, Ал-Курине (Кувајт) и унгарскиот Комлои Бањаш.
За сениорската репрезентација на Црна Гора настапуваше од 2007 до 2018 година, учествувајќи на Светското првенство во 2013 година и Европското првенство во 2014 година.
Долги години беше рекордер по бројот на официјални настапи за националниот тим и се вбројува меѓу најдобрите стрелци во историјата на црногорската репрезентација. Воедно, четири години по ред (2010–2013) беше прогласуван за најдобар ракометар на Црна Гора.
По завршувањето на играчката кариера во 2022 година, Марковиќ целосно се посвети на тренерската работа. Најнапред беше ангажиран во женските младински национални селекции на Црна Гора, каде за краток период изгради репутација на еден од најперспективните млади тренери во регионот.