Аморим го сака Хојберг во Милан

Новиот тренер на Милан, Рубен Аморим, сака дополнително да го засили средниот ред пред почетокот на новата сезона, а негова главна желба е искусниот дански репрезентативец Пјер-Емил Хојбјерг. Според италијанските медиуми, Португалецот лично побарал од клупската управа да направи сè за да го доведе фудбалерот на Олимпик Марсеј, кој го гледа како идеален лидер во новиот проект на „росонерите“.

Хојбјерг зад себе има две одлични сезони во францускиот клуб, каде што се етаблираше како еден од најдобрите играчи за врска во Лига 1. Во 62 настапи за Марсеј постигна шест голови и запиша девет асистенции, а покрај статистиката се истакна и со лидерските квалитети, поради што ја доби капитенската лента. Токму таков профил на играч му недостига на Милан, кој ова лето започна нова ера под водство на Аморим.

Сепак, за трансферот да стане реалност, Милан најпрво ќе мора да ослободи место во ростерот и да обезбеди финансиски средства. Најверојатно клубот ќе се раздели со Јусуф Фофана, за кого интерес покажува Кристал Палас. Со евентуалната продажба на Французинот, „росонерите“ би инкасирале околу 15 до 20 милиони евра, сума што би била доволна за да испратат понуда до Марсеј за Хојбјерг.