Мурињо ќе го премести Александер-Арнолд во средниот ред

Тренерот на Реал Мадрид, Жозе Мурињо веќе размислува како ќе го постави Реал Мадрид, а една од неговите идеи би можела да донесе голема промена во улогата на Трент Александер-Арнолд.

Според информациите на шпанското радио „Ла СЕР“, португалскиот стратег размислува англискиот репрезентативец да го користи во средниот ред, наместо на неговата природна позиција десен бек.

Мурињо наводно верува дека квалитетите на Александер-Арнолд можат да му помогнат на Реал да воспостави поголема контрола врз натпреварите. Англичанецот е познат по одличниот преглед на играта, прецизните додавања и способноста со долги топки да ја менува страната на нападот.

Иако најголемиот дел од кариерата го помина како десен бек, играта во средината не му е целосно непозната. Во периодот во Ливерпул, како и во репрезентацијата на Англија, Александер-Арнолд повремено добиваше послободна улога и се префрлаше кон централниот дел од теренот.