Струга ТЛ со головите на Бојку и Радески до победата над Шкендија Арачиново

Струга Трим Лум ја запиша својата прва победа на гостински терен оваа сезона. Со доминантна игра и головите на Бесмир Бојку и Марјан Радески, стружани ги зедоа трите бода од гостувањето кај Шкендија Арачиново.

Гостите тргнаа офанзивно од самиот старт. Во 5. минута, Диако го отвори мечот со удар од 17 метри, но топката замина над пречката. Сепак, притисокот брзо вроди со плод. Во 9. минута, Бесмир Бојку најдобро се снајде во мешаницата пред голот и со прецизен шут од 16 метри ја затресе мрежата за 1-0.

Домаќините се обидоа брзо да се вратат во игра. Во 17. минута, Нухија испрати вистински проектил од 20 метри, но голманот Василев со фантастична парада ја изби топката во корнер.

Клучниот момент се случи во 27. минута. Тодоров го повлече за дрес струшкиот напаѓач Агамоа во казнетиот простор. По прегледот со ВАР, судијата Иљоски покажа на белата точка и му додели директен црвен картон на Тодоров. Сигурен реализатор беше Марјан Радески, кој ладнокрвно погоди за 2-0.

Струга продолжи да напаѓа до крајот на полувремето. Во 41. Минута, Бојку испрати вистинска „бомба“ од 30 метри, но пречката го спаси Столевски. Во 44. Минута, по брза контра, Агамоа одлично го пронајде Шабани, но Столевски со крајни напори го одбрани неговиот удар од 7 метри.

Ритамот на играта остана висок и во вториот дел. Во 55. минута, Шабани повторно се најде во шанса, но Столевски одново беше на место. Домаќините за првпат се заканија во 60. минута преку Аритон Мехмеди, чиј удар заврши во надворешниот дел од мрежата. Стружани веднаш возвратија со нови опасни напади. Во 65. Минута, Бојку проигра до Диако, нo Столевски пак одбрани. Во 66. Минута, Арби Воша центpираше од десната страна, а Шабани уште еднаш го изгуби дуелот со домашниот чувар на мрежата. Најдобрата прилика за Шкендија Арачиново ја имаше Фазлагиќ во 72. минута, но од 9 метри биеше покрај голот.

Во завршницата, Струга пропушти шанси за уште поубедлива победа. Во 80. минута, Малески го заобиколи голманот, но шутираше над голот. Една минута подоцна , Марко Симоновски биеше над пречката на гостинската екипа. Додека последната шанса на мечот ја имаше Фазлагиќ, кој од само 3 метри ја испрати топката над голот.