Падна договор меѓу клубови: Енцо во Сити за 140 милиони!

Челзи и Манчестер Сити постигнаа договор во врска со трансферот на Енцо Фернандез, тврди францускиот весник „Лекип“.

Аргентинскиот играч за врска ќе ја продолжи кариерата на „Етихад“, а за неговиот трансфер Манчестер Сити, според овој извор, ќе плати дури 140 милиони евра без бонуси.

Фернандез е во центарот на голема трансфер сага во последните денови, а сè повеќе информации укажуваат дека сака да го напушти „Стемфорд Бриџ“ и да се пресели во Манчестер.

Челзи долго време инсистираше на многу висока компензација за својот играч за врска, но и Сити очигледно беше подготвен да ги исполни барањата на лондонскиот клуб.

Според „Лекип“, сè е решено меѓу клубовите и останува само уште трансферот да биде заклучен.

Кога тоа ќе се случи, трансферот на Енцо ќе биде вториот најскап во историјата на Премиер лигата и четвртиот најскап во историјата на фудбалот.