Шпанија ќе се откаже од Мундијалот ако не го добие финалето

Спорот со Мароко околу домаќинството на финалето на Светското првенство во 2030 година добива политичка димензија. Лидерот на опозицијата Алберто Нуњез Феихо најави дека Шпанија треба да се повлече од организацијата доколку финалето не се игра на нејзина територија.

Светското првенство во 2030 година сè уште не е ниту блиску до почетокот, а веќе се појавуваат сериозни несогласувања меѓу трите земји организатори. Шпанија, Португалија и Мароко заеднички ќе бидат домаќини на Мундијалот, но најголемата битка во моментов се води околу тоа каде ќе се одигра финалниот натпревар.

Шпанија и Мароко имаат сериозни амбиции да го добијат најважниот натпревар на турнирот, а ФИФА сè уште нема донесено конечна одлука. Токму неизвесноста околу изборот на стадионот предизвика остри реакции во Шпанија.

Лидерот на опозициската Народна партија, Алберто Нуњез Феихо, испрати јасна порака дека Шпанија треба да се повлече од организацијата доколку Мароко го добие финалето.

„Финалето на Светското првенство мора да се игра таму каде што е праведно, соодветно и неоспорно – во Шпанија. Ако не го организираме финалето, според мене, Шпанија не треба да учествува во организацијата на Светското првенство“, изјави Феихо во телевизиско интервју.

Тој беше уште подиректен кога беше прашан дали би презел конкретни чекори за повлекување на Шпанија доколку дојде на премиерската функција.

„Да, одговорот е да“, порача шпанскиот политичар.

Како главни аргументи за својата позиција, Феихо ги наведе организациското искуство на Шпанија, фактот дека кандидатурата првично била подготвена од Шпанија и Португалија, како и фудбалските успеси на земјата.

Од друга страна, Мароко сериозно работи на кандидатурата за финалето. Главен адут е планираниот стадион „Гранд Стад Хасан II“ во близина на Казабланка, кој треба да има капацитет од околу 115.000 гледачи и да биде еден од најголемите фудбалски стадиони во светот.

Шпанските кандидати се „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид и реновираниот „Камп Ноу“ во Барселона.