Пеп ја одби понудата на Американците

Пеп Гвардиола нема да ја преземе фудбалската репрезентација на САД, иако се споменува како главен кандидат за наследник на Маурисио Покетино, кој заминува во Манчестер Јунајтед.
Американската фудбалска федерација сака да доведе големо тренерско име пред следниот циклус, а Гвардиола е една од најпосакуваните опции. Сепак, според информациите на „Телеграф“, шпанскиот стратег планира да направи едногодишна пауза и нема намера да прифаќа нов ангажман.
Гвардиола минатото лето го напушти Манчестер Сити по десет години поминати на „Етихад“, период во кој освои шест титули во Премиер-лигата и една во Лигата на шампионите. По заминувањето од англискиот клуб, тој сè уште нема прифатено нов тренерски предизвик.
Иако во минатото не ја криеше желбата еден ден да предводи национална репрезентација на големо натпреварување, во моментов приоритет му е одморот од фудбалот. Претходно имаше разговори и за можноста да ја преземе Италија, но ја одби таа опција.
Заминувањето на Покетино во Манчестер Јунајтед го отвори прашањето за нов селектор на американската репрезентација. Аргентинецот ќе ги одработи преостанатите обврски против Хаити во Лигата на нациите на КОНКАКАФ, по што ќе се пресели на „Олд Трафорд“.
Така, Американците ќе мора да побараат друго решение за клупата на националниот тим, додека Гвардиола засега останува посветен на планираната пауза од тренерската работа.