Цесар: Ќе ни биде тешко утре против Македонија

Селекторот на Словенија, Боштјан Цесар, со респект го најави утрешниот дуел против Македонија во Скопје, во рамките на Лигата на нациите. Тој очекува тежок натпревар, но верува дека неговиот тим има квалитет да продолжи со добрите резултати и да ја освои втората позиција во групата.
Цесар истакна дека неговиот стручен штаб направил детална анализа на македонската репрезентација и дека подготовките се одвиваат според планот.
„Македонија има добри играчи, а нашиот фокус е целосно насочен кон следниот натпревар. Направивме добра анализа и добро сме подготвени. Нè очекува сериозно тежок натпревар, но ќе се обидеме да ја продолжиме низата добри резултати и да го освоиме второто место во групата“, изјави Цесар.
Словенечкиот селектор се осврна и на претходните меѓусебни дуели, потенцирајќи дека резултатите од минатото не се пресудни, но дека Македонија располага со квалитетен тим и добар селектор.
„Не гледам некои големи разлики. Претходните натпревари можеби не беа успешни за Македонија, но имаат добар селектор и сигурно нè очекува тежок предизвик“, додаде предводникот на словенечката репрезентација.
Македонија и Словенија утре во Скопје ќе ги одмерат силите во новиот предизвик од Лигата на нациите, во дуел во кој двата тима ќе имаат свои амбиции.