Лига шампиони со 36 клубови и без групна фаза?!
Наредниот месец на седница на Извршниот одбор на УЕФА би требало да се одобри новиот состав на натпреварувањето во Лигата на шампионите. Од сезоната 2024/25 ќе се игра Лига шампиони без групна фаза, објави француски Екип. Во сегашниот состав настапуваат вкупно 32 екипи поделени во осум групи, а според новиот план ќе се игра една лига со 36 клубови. Клубовите воочи натпреварувањето ќе бидат поделени во четири шешири. Секој клуб ќе одигра по 10 натпревари. Противниците ќе се добиваат од различен шешир, ќе се игра со 10 различни противници, односно ќе се одиграат по пет натпревари на свој и пет на гостински терен. Првата фаза од Лига шампиони ќе се игра од септември до јануари, а промената ќе биде од 2024. година и во тоа што освен во вторник и среда, натпревари ќе се играат и во четврток. Во првата фаза, ќе се играат по 18 натпревари дневно наместо досегашните 16, а вкупно ќе се одиграат 180 натпревари, наместо 96 колку што се играат сега. Во сегашниот формат на Лига шампиони има 125 натпревари, а во новиот 225 (180 во првата фаза, 16 во плеј-оф и 29 во нокаут фаза). За да се освои Лигата на шампионите, ќе мора да се одиграат барем 17 натпревари, а можеби и 19. Досега, тоа беа максимум 13 натпревари.