Сити и Челзи тргнаа по Левандовски, тука е и ПСЖ
Роберт Левандовски би можел да го напушти Баерн Минхен ова лето, јавува ЕСПН. За 33-годишниот полски напаѓач, освојувач на наградата за најдобар фудбалер на светот во 2020. година, интерес владее кај Челзи и Манчестер Сити. Левандовски има договор со Баерн до 2023. година и германскиот првак за него бара 60 милиони евра. Левандовски претходно тврдеше дека кариерата ќе ја заврши во Баерн, но интересот од Премиерлигата би можел да го натера да го промени мислењето. Во Челзи го сакаат Левандовски по тешката дебитантска сезона на Тимо Вернер во Лондон, а Сити во него гледа наследник на Серхио Агуеро, кој по 10 години си заминува од Манчестер. Интерес за Левандовски покажува и ПСЖ, но до тој трансфер би дошло само доколку Мбапе го напушти Париз. Левандовски сезонава има постигнато 36 погодоци во Бундеслигата и е блиску до рекордот на легендарниот Герд Милер кој во сезоната 1971/72 постигна 40 погодоци.