Македонија во добро расположение се подготвува за ЕУРО
Македонската репрезентација ги започна подготовките за претстојното Европско првенство. Нашите фудбалери се наоѓаат во групата Ц, каде што силите ќе ги одмерат со репрезентациите на Холандија, Австрија и Украина. Расположението во репрезентацијата е одлично, а селекторот Игор Ангеловски ги стартуваше подготовките за претстојниот собир.
Бобан Николов, играчот од средниот ред на македонската репрезентација со нетрпение го очекува настапот на Европското првенство, и верува во силата и карактерот на неговите соиграчи.
„Секогаш е привилегија да се носи дресот со државниот грб. Максимално сме фокусирани на репрезентацијата и Европското првенство. Ги започнуваме подготовките со јасна цел, подготвени сме и физички и психички за нови достигнувања, подготвени сме од ново да ја израдуваме Македонија и да ја направиме горда. Очекувам да се покажеме во вистинско светло во Букурешт и уште еднаш да ја израдуваме македонската јавност. Оваа репрезентација има сила и карактер, веруваме во нашите способности и подготвени сме да изгинеме за овој дрес. Дај боже сите да сме здрави, да нема повреди. Максимално се подготвуваме, имаме по два тренинга дневно, тоа е и нормално, ако сакаме да бидеме подготвени за Европското првенство.Барди е херој, ќе го преброди ова. Има целосна поддршка од нас, сите заедно ќе одиме во Букурешт.”, вели Бобан Николов.
Елиф Елмас, играчот на Наполи и еден од најзначајните фудбалери на нашата репрезентација вели дека Македонија ќе оди во Букурешт по добра игра и освојување на бодови.
„Фокусиран сум само на Македонија и нашиот настап на Европското првенство. Ова е животна желба и сон на секој фудбалер. Добро знаеме против кого играме, ги почитуваме противниците, но нашата цел е јасна, одиме на Европско да се докажеме, да успееме да победиме, и да освоиме што е можно повеќе бодови. Да докажеме дека сосема заслужено се пласиравме на овој собир. Оптимист сум и секогаш се надевам на позитивни резултати. Максимано сме подготвени, заедно со селекторот се надеваме дека ќе успееме да забележиме уште поголеми резултати, само здравје да не служи. Се зависи од нас”, вели Елиф Елмас.