Барселона продава три ѕвезди

Барселона ова лето ќе продаде неколку играчи, а повеќе шпански медиуми пишуваат дека на трансфер листата се наоѓаат Филипе Кутињо, Миралем Пјаниќ и Самуел Умтити.

Кутињо е едно од најголемите промашувања во историјата на Барселона. Платен е 135 милиони евра, најскап фудбалер во историјата на клубот, а минатата сезона одигра само 792 минути. Мадридски „Ас“ пишува дека постои можност Кутињо да се врати во Ливерпул. Имено, Барселона се обврза да го исплаќа Кутињо на рати, а се уште не е исплатена последната рата во вредност од околу 50 милиони евра. Со оглед на тоа што се наоѓа во големи финансиски проблеми, „Ас“ наведува дека Барселона испрати понуда до Ливерпул да го врати Кутињо под услов англискиот клуб да ја „прости“ последната рата.

Пјаниќ минатото лето пристигна од Јувентус, но на Камп Ноу беше во втор план, па сега каталонците се обидуваат да се ослободат од него. Фудбалерот од Босна и Херцеговина се поврзува со Јувентус и Челзи. Умтити пак, веќе три сезони не е стандарден во одбраната и сега сака да го промени клубот како би имал поголема минутажа.

Барселона ова лето ги доведе Серхио Агуеро и Ерик Гарсија од Манчестер Сити, како и Емерсон од Бетис.