Познато колку е сериозна повредата на Бензема

Напаѓачот на француската репрезентација и Реал Мадрид, Карим Бензема се повреди на пријателскиот натпревар против Бугарија, една недела пред почетокот на Европското првенство за Франција.

Бензема, кој минатата недела се приклучи на репрезентацијата по шест години пауза, го напушти теренот во 39. минута од натпреварот поради повреда на десното колено.

Од неговиот израз на лицето можеше јасно да се види дека чувствува силни болки, а навивачите беа загрижени дека би можел да го пропушти Европското првенство.

По натпреварот, селекторот Дешамп изјави дека Бензема доби жесток удар во мускулот над коленото.

„Доби удар, жесток удар во мускулот над коленото. Почувствува болка и не сакавме да ризикуваме.“- кратко рече Дешамп.

Меѓутоа, сега пристигнаа одлични вести од кампот на репрезентацијата на Франција. Бензема одработи детални прегледи на коленото и потврдено е дека нема посериозна повреда.

Медиумите јавуваат дека Бензема е полесно повреден и ќе се врати на тренинзите за 2-3 дена.