Словенија и Израел ќе бидат организатори на женскиот Евробаскет 2023

Иако се уште не е започнат Европскиот шампионат во женска конкуренција, Бордот на ФИБА Европа веќе одлучи, наредниот Евробаскет, оној во 2023 година да се одржи во две земји, Словенија и Израел.

Тел Авив во Израел, односно Копер и Цеље во Словенија ќе бидат во улога на домаќини во првата, групна фаза од евро-шампионатот, додека пак завршницата од турнирот ќе се игра во главниот град на Словенија – Љубљана.  

За прв пат од постоењето на овие две федерации, ќе се случи да бидат и организатори на ЕП во женска конкуренција.

Ова 39. издание на Евробаскетот ќе биде и четврто по ред кое ФИБА го доделува на две земји. Оваа формула се покажа како доста успешна во 2017 кога во улога на ко-организатори беа Романија и Унгарија, две години подоцна, во 2017, во таа улога беа Србија и Летонија, а се очекува истото да биде и од 17. до 27. јуни, кога во Франција и во Шпанија ќе се игра 38. по ред Европско првенство.

Со оглед на сериозните проблеми за организирање на контролни мечеви, одлучено е двете селекции на земјите организатори, да бидат вклучени во системот на квалификациите.

Ждрепката на натпреварувачките групи, ќе биде реализирана во текот на август, додека пак првиот ФИБА „прозорец“ е предвиден за ноември, согласно со веќе постоечкиот систем за натпреварување усвоен од Бордот.