Крос се повлече од дресот на германската репрезентација
Фудбалерот на Реал Мадрид, Тони Крос, официјално ја објави својата одлука дека ја завршува кариерата во репрезентацијата на Германија.
По 106 натпревари за Бундес-тимот, 31-годишниот играч за врска целото внимание ќе го насочи кон своите настапи во својот клуб. Крос објави дека ја донел својата одлука многу пред Евро 2020, за каде се надеваше дека ќе стигне до титулата.
„Одиграв 106 натпревари за Германија. Нема повеќе. Се надевав дека ќе завршам со 109 и уште еден голем трофеј – оној од Европското првенство. Направив се што е можно за тоа да се случи. Одамна решив дека овој турнир ќе биде последниот и дека нема да имам за цел да играм на Светското првенство во Катар во 2022 година. Во следните години сакам целосно да се фокусирам на своите цели со Реал Мадрид, отсега сакам да имам можност да одморам не како до сега како во последните 11 години кога бев репрезентативец. Исто така, сакам да бидам многу поприсутен како сопруг и татко во животот на мојата сопруга и трите деца. Ми беше голема чест да го носам овој дрес и тоа го правев со гордост и страст. Благодарам на сите фанови за поддршката, како и на критичарите што ме мотивираа понатаму. На крај, би сакал да му изразам благодарност на Јоги Лев, кој ме направи репрезентативец и светски шампион. Тој ми веруваше и заедно напишавме долга приказна за успех. Тоа беше чест за мене. Со среќа и успех на Ханзи Флик“, се вели во писмото кое Тони Крос го објави за својата одлука.