Томовски: Лошиот настап на минатото Светско првенство да ни биде поука за подобри игри на претстојното Европско првенство
Македонската ракометна репрезентација, денеска и официјално ги започна подготовките пред настапот на Европското првенство во Унгарија и Словачка.
Пред заминувањето за Маврово каде ќе се одработи првиот дел од подготовките, свое видување за нивниот настап даде и голманот Мартин Томовски.
„Сакаме да извлечеме поука од лошите партии на Светското првенство во Египет и да покажеме дека вредиме. Направивме добра анализа и со нова енергија и нов селектор ќе заминеме на Европското првенство, за кое верувам дека ќе биде позитивно.Ќе бидеме посветени и ќе работиме максимално. Нашите ривали во групата се доста квалитетни и ни се познати од порано. Како фаворит би ја издвоил Данска, но тешки противници ќе бидат и Словенците. Верувам дека со добри подготовки ќе прикажеме квалитетни ракометни партии“, изјави Томовски.