Феран Торес: Со нетрпение очекувам да ги исполнам задачите на тренерот Чави
Фудбалскиот клуб Барселона на „Камп Ноу“ го претстави своето ново засилување, Феран Торес. Притоа, поранешниот напаѓач на Манчестер Сити изјави дека е подготвен да игра по повредата која ја заработи во октомври.
„Ќе бидам подготвен за помалку од две недели“, изјави 21-годишниот Шпанец, кој заработи мала скршеница на десната нога за време на минатогодишниот натпревар во Лигата на нации.
„Денес е навистина одличен ден за мене. Имам настапувано за двајца тренери кои играле за Барселона и се многу поврзани со клубот, како Луис Енрике и Пеп Гвардиола, што ми помогна да откријам која е суштината на Барса. Со нетрпение очекувам да ги следам инструкциите на Чави Ернандез“, додаде Торес.
Напаѓачот потпиша договор до јуни 2027 година со откупна клаузула од 1 милијарда евра.
Финансиските детали од трансферот не беа јавно откриени, но англиските и шпанските медиуми објавија дека Барселона се договорила за исплата на околу 55 милиони евра, со уште 10 милиони евра бонуси.