Чеферин: Европскиот фудбал покажа единство во периодот на пандемија

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, ги сподели своите очекувања за иднината на европскиот фудбал во годишниот извештај на организацијата насловен „Европскиот клупски фудбалски пејсаж“.

„Една од лекциите од последните две години е дека само со покажување солидарност и заедничка работа европскиот фудбал може да ги надмине егзистенцијалните предизвици како пандемијата. Оваа лекција се научи и од таканаречениот проект „Супер лига“. Себичните постапки на неколку пклубови беа спречени со единството на европскиот фудбал – навивачи, клубови, играчи и национални асоцијации.

Овој извештај содржи отрезнувачки детали за постпандемиските предизвици кои се пред нас, но исто така ја илустрира неверојатната издржливост на европскиот фудбал со неговиот унифициран пристап. На крајот на краиштата, пандемијата само ќе не направи посилни.

Кризата со коронавирус покажа и до кој степен фудбалот е дел од европскиот живот. Фудбалот за многумина стана вистински спас. Нема да давам смели прогнози за следната година, но ќе кажам дека без разлика дали пандемијата ќе остане или ќе замине, европскиот фудбал ќе остане силен, стабилен и обединет во 2022 година“, напиша Александар Чеферин.