Луксембург следен предизвик за македонските фудбалерки
По високиот пораз (0-10) од Англија во Скопје, македонската сениорска женска фудбалска репрезентација ги продолжува подготовките за следниот противник во мундијалските квалификации. Избраничките на селекторот Кирил Изов во вторник му гостуваат на Луксембург во обид да ја прекинат серијата порази и да ја забележат втората победа во квалификациската група Д за пласман на Светското првенство 2023 во Австралија и Нов Зеланд. По вчерашниот очекуван пораз од лидерот во групата на Националната арена „Тодор Проески“, македонските фудбалерки останаа на претпоследното, петто, место на табелата, со три бодови, колку што има и Луксембург на четвртата позиција.