Конте состави листа на засилувања за следната сезона

Менаџерот на Тотенхем, Антонио Конте сака на лето да го засили тимот со шест нови играчи, пишува „Телеграф“. Тренерот ќе бара нов централен дефанзивец, десен бек, двајца играчи од средниот ред, напаѓач и резервен голман. Покрај тоа, клубот речиси сигурно ќе го привлече и Дејан Кулушевски кој е на позајмица од Јувентус.

Конте веќе има неколку играчи на својот список на желби. Меѓу нив се десниот бек на Нотингем Форес, Џед Спенс, централниот дефанзивец на Торино, Глејсон Бремер, и играчот од средниот ред на Брентфорд, Кристијан Ериксен, кој може да се врати во Тотенхем, каде ги помина најдобрите години во кариерата. Во моментов резервен голман е Пјерлуиџи Голини, кој е позајмен од Аталанта. Сепак, Конте не е особено задоволен од својот сонародник и нема намера трајно да го привлекува. Наместо тоа, тој го насочи своето внимание кон искусниот Сем Џонстон од Вест Бромвич, кој може да биде ангажиран како слободен агент.