Салихамиџиќ: Нагелсман уште го бара својот стил на игра
Спортскиот директор на Баерн Минхен, Хасан Салихамиџиќ изјави дека тренерот на екипата, Јулијан Нагелсман, и понатаму го бара својот стил на игра кој би го применувал шампионот на Бундеслигата.
Салихамиџиќ изјавата ја дал откако некои германски медиуми ја пренесоа веста дека дел од фудбалерите на Баерн, но и членови од раководството не биле задоволни од работата на тренерот Нагелсман.
„Јулијан сеуште го бара својот стил. Никогаш претходно тој немал на располагање ваква екипа. Не е лесно кога во екипата имаш толку играчи кои сакаат постојано да настапуваат. Тренерот има отворена дискусија со играчите и мора да биде ист со секој од нив“, изјави Салихамиџиќ.
Германскиот весник „Билд“ пренесува дека некои фудбалери мислат дека тренерот на Баерн треба да ги преиспита своите тактички замисли и да преземе одговорност после лошите резултати.
Баерн Минхен во моментот се наоѓа на третата позиција во Бундеслигата со три победи и три нерешени натпревари.