Рамирез ја заврши кариерата на 35-годишна возраст

Поранешниот играч за врска на Челзи, Рамирез, објави дека се повлекува од професионалниот фудбал. Во моментов бразилскиот фудбалер има 35 години.

„Одвоив малку време за размислување, би сакал да ја објавам одлуката да се повлечам од професионалниот фудбал. Најпрво сакам да му се заблагодарам на Бога што ме поучи и ме доведе до највисоки спортски резултати.

Благодарност до сите клубови за кои играв. Секогаш ќе ги држам овие тимови и нивните навивачи во моето срце. Им благодарам и на бразилската репрезентација за шансата да играм на две светски првенства, тоа ми донесе задоволство. Благодарен сум на сите соиграчи, персонал, тренери и директори со кои имав задоволство да работам. Благодарност до моето семејство, мајка, деца, браќа и вистински пријатели.

Ви благодарам многу што бевте покрај мене сите овие години, радувајќи се на секое мое достигнување како да е ваше. Тоа ми даде сила и ме мотивираше. Сега ќе тргнам по друг пат, но ќе го сторам тоа со истата храброст и среќа што ги имав во моето детство, кога, наспроти сите шанси, ја напуштив мојата населба во Рио за да го освојам светот. Благодарам за се!“ , напиша Рамирез на своите социјални мрежи.

Да потсетиме дека во текот на кариерата Рамирез настапуваше за лондонски Челзи, Лисабон Бенфика, кинески Џиангсу Сунинг, како и за бразилските Палмеирас и Крузеиро.