Тите заминува во пензија, Бразил ќе добие нов селектор
Претседателот на Фудбалската федерација на Бразил, Едналдо Родригез, изјави дека Абел Фереира, Доривал Жуниор и Фернандо Диниз, се најсериозни кандидати за нов селектор на Кариоките, објавија денеска локалните медиуми.
Актуелниот бразилски селектор Тите одлучи да се повлече од должноста по завршување на Мундијалот во Катар.
„Бразилскиот фудбал има непресушен извор на фантастични тренери. Можам да потврдам дека кандидати за селектор се Фереира, Жуниор и Диниз, но не е фер да зборуваме само за нив и да ги заборавиме другите, бидејќи имаме уште барем најмалку десет квалитетни кандидати“, изјави Родригез.
Тој најави дека наследникот на Тите ќе биде познат по Мундијалот во Катар.
„Во моментов сме фокусирани на подготовките за Катар. Одлуката за наследникот на Тите ќе ја донесеме по завршувањето на Мундијалот“, изјави првиот човек на бразилскиот фудбал.