Легендата Карпов хоспитализиран со повреда на главата
Поранешниот шаховски светски првак, Анатолиј Карпов се здобил со повреда на главата по пад во влезот од својот дом. Неговата сопруга за руските медиуми соопшти дека Карпов се здобил со повреда на главата и е во болница во Москва.
„Во саботата го напуштивме влезот со него. Се лизна и падна. Кога стана, куцаше. Мислевме дека ја повреди нога. И отидовме во болница. Таму го задржаа. Му рекоа, дека нешто не е во ред со главата и дека има мал хематом. Според моите информации тој е свесен и не е многу страшна повредата. Треба да биде на опсервација три дена. Се надевам дека се работи за обична повреда“, изјави Наталија Буланова.
Од друга страна, „Известија“ објави дека Анатолиј Карпов е приклучен на апарати и е во вештачка кома поради дијагностициран церебрален едем, скршеници и повеќе хематоми на главата. Покрај тоа, неговата состојба е комплицирана и од хронични заболувања.