ПСЖ се вклучува во трката за потпис со Осимен
Челниците на Париз Сен Жермен се подготвуваат за големи промени во тимот за наредната сезона.
Не е сигурно продолжувањето на договорот со Лионел Меси кој се двоуми дали да остане во Париз и наредната година, додека бројни се шпекулациите дека на продажба ќе биде понуден и Бразилецот Нејмар.
Претставниците на Париз Сен Жермен, особено спортскиот директор на тимот Луис Кампос веќе напорно работат на изборот на тимот за следната година.
Францускиот весник „Екип“ информира дека парижаните го избраа Виктор Осимен за главна трансфер мета претстојното лето. Напаѓачот има извонредна сезона со тимот на Наполи и досега има постигнато 21 гол и 4 асистенции на 26 натпревари во сите натпреварувања.
Според објавите, последните неколку дена во Париз бил одржан состанок меѓу претставниците на играчот и претставниците на ПСЖ, каде што била презентирана желбата на парижаните да го доведат Осимен на „Паркот на принцовите“.