Унаи Емери го носи Пау Торес во Астон Вила

Астон Вила доставила официјална понуда до Виљареал за централниот бек Пау Торес, тврди „Кадена Сер“. Изворот не наведува кои се конкретните финансиски параметри на понудата, но тврди дека менаџерот на тимот од Бирмингем, Унаи Емери, кој во ноември го напушти Виљареал за да ја преземе Астон Вила, инсистира повторно да соработува со шпанскиот интернационалец.

„Жолтата подморница“ заврши на петтото место во Ла Лига, што значи дека втора сезона по ред тимот нема да игра во Лигата на шампионите. Тоа неминовно ќе се одрази и на финансиите на клубот, кој според „Кадена Сер“ е подготвен да продаде некоја од своите ѕвезди.

Јувентус е заинтересиран исто така за Пау Торес, кој пред една година беше трансфер цел на Манчестер Јунајтед. Астон Вила се поврзува и со капитенот на Манчестер Јунајтед, Хари Мегваер.