Фулам ја одби понудата на Ал Хилал за Митровиќ
„Скај Спорт“ во текот на вчерашниот ден објави дека српскиот напаѓач Александар Митровиќ е подготвен да се пресели во Саудиска Арабија, но нешто се прашува и Фулам.
Според Би-Би-Си, интересот на Ал Хилал за најдобриот стрелец на српската репрезентација постои, клубот од Саудиската Про лига испратил понуда, меѓутоа таа веднаш била одбиена. Повикувајќи се на свои извори во Фулам, „Би-Би-Си“ објави дека клубот категорично ја одбил понудата од 25 милиони фунти од Ал Хилал за 28-годишниот напаѓач.
„Би-Би-Си“ додава и дека Фулам нема намера да го продаде Митровиќ и дека одбивањето на понудата не е само дел од преговарачката тактика. Митровиќ пристигна во Фулам од Њукасл во 2018 година за 22 милиони фунти, а неговиот договор вреди уште три години.
Од Премиер лигата во Ал Хилал веќе пристигнаа Калиду Кулибали и Рубен Невеш, а пред потпис е сонародникот на Митровиќ, Сергеј Милинковиќ-Савиќ.