Икарди се враќа во Серија А?

Аргентинскиот напаѓач Мауро Икарди не се откажува од желбата повторно да заигра во италијанскиот фудбал, иако засега нема никакви назнаки дека неговиот поранешен клуб Интер би можел повторно да му ги отвори вратите.

Претседателот на миланскиот клуб, Бепе Марота, неодамна јасно стави до знаење дека Икарди не е дел од плановите на „нероаѕурите“.

Сепак, искусниот голгетер, кој во моментов е без клуб, продолжува да бара начин за враќање во Серија А. Неговата желба е повторно да го облече дресот на Интер, но не ја исклучува ниту можноста за ангажман во некој друг италијански прволигаш.

Познатиот фудбалски инсајдер Фабрицио Романо открива дека Аргентинецот и понатаму силно посакува враќање на Апенините, но Интер никогаш не бил единствената опција за неговата иднина.

Според Романо, Икарди уште од почетокот на минатото лето во неколку наврати му се нудел на раководството на Интер, директно или преку посредници. Притоа, бил подготвен да направи сериозни отстапки за да ја промени одлуката на клубот. Прифатил и значително помала плата, како и можност да биде дури петти напаѓач во тимската ротација.

Италија останува негов приоритет. Минатиот јануари, додека сè уште беше под договор со Галатасарај, кој му истече во јуни, Икарди бил подготвен да ја прифати понудата на Јувентус. Сепак, трансферот пропаднал во завршната фаза од преговорите.

Интерес за неговите услуги покажал и Лацио, кој минатото лето бил многу блиску до договор со аргентинскиот напаѓач, но и тој трансфер на крајот не беше реализиран.

Засега останува неизвесно каде Икарди ќе ја продолжи кариерата, но едно е јасно, искусниот голгетер не ја напушта идејата повторно да заигра во Серија А.