Одржан настанот „Поттикнување на женското претприемништво во спортот“

За првпат досега кај нас се организираше настанот „Поттикнување на женското претприемништво во спортот“, кој имаше за цел да го стимулира претприемачкиот дух кај жените кои се вклучени и дејствуваат во спортската индустрија. Настанот вклучуваше говорници од различни сектори, кои ги споделија искуствата околу успешно партнерство помеѓу спортскиот и приватниот сектор, стратегии како да се надминат бариерите во започнување и оддржување на успешно претприемништво и какви можности и перспективни постојат во спортскиот сектор и бизнис.

Во рамки на настанот, првата сесија беше инспиративна во која говорничките Нина Ангеловска, Елена Бубало Михајловска ги споделија своите претприемачки приказни, додека втората сесија беше посветена на клучни чекори за остварување на соработка и спонзорски договори помеѓу приватниот или корпоративниот свет и женскиот спорт, во која говорниците Виктор Мирчевски од Конект, Форсина Бошкова од А1 и Софија Гошева Чоланческа од Академијата за жени претприемачи истакнаа клучни чекори и препораки за успешен развој во овој домен.

„Верувам дека овој настан е важен поттик и чекор напред кој отвора нови можности и перспективи за жените и женското претприемништво. Сакаме да видиме што поголем број на жени кои ќе го остварат својот претприемачки дух во спортскиот бизнис и иновации зашто омоќувањето на жените е тесно поврзано со нивната економска стабилност и финансиска независност“, изјави Силвија Митевска директорка на Спорт Соушал Солушнс, организатори на настанот.

Третата сесија беше посветена на дискусија околу лидерските способности на жени претприемачки, овозможувачката средина и како спонзорството влијае на професионализација на женскиот спорт, во која говореа Ирена Јакимова, основачка на Инспирит Коучинг Валентина Дисовска од Здружение на бизнис жени и Александра Терзиевски од ЖФК Тиверија Брера.

Настанот се организира во рамки на проектот „Фер Игра – Поддршка за родова еднаквост во спортските политики“, координиран од Македонскиот Олимписки Комитет, во партнерство со Македонскиот Центар за меѓународна соработка, Параолимпискиот Комитет и Спорт Соушал Солушнс. Проектот е финансиран од Европската унија.