„Студена“ војна на градските ривали: Севиља ги прекина сите односи со Бетис
Фудбалскиот клуб Севилја во средата објави дека ги прекинува сите врски со градскиот ривал Бетис, поради изјавите на претседателот на зелено-белите, Анхел Харо.
Претседателот на Бетис неодамна изјави, по годишниот генерален состанок на клубот, дека „Севилја ќе биде одговорна доколку дојде до зголемување на насилството меѓу навивачите“, што доведе до гореспоменатата реакција од управата на градскиот ривал и одлуката за прекин на официјалните односи со Бетис.
Во споменатата изјава, Харо алудираше на провокацијата на тројца играчи на Севилја по последното дерби меѓу двата тима во октомври и победата на Севилја од 1-0. По завршувањето на дербито, играчите на Севилја Хуанлу Санчез, Хозе Анхел Кармона и Исак Ромеро вееја знаме на кое знак за забрана бил залепен преку грбот на Бетис.
Во зелено-белиот табор овој гест беше сфатен како сериозна провокација, па оттука и зборовите на првиот човек на клубот, за кои во Севилја велат дека се непотребни, претерани и пред се одраз на незрелоста на Анхел Харо и неговиот тим.
Во соопштението за медиумите, Севилја го потсети Харо дека сите тројца играчи кои го вееја контроверзното знаме по дербито беа суспендирани на еден натпревар и потсети дека клубот никогаш не дал никакви изјави, кога улогите биле сменети.
Севилја потенцираше дека навивачите на Бетис далеку подобро од управата ги разбираат и прифаќаат ваквите „провокации“ кои, како што велат, се составен дел од ривалството меѓу двата клуба кое трае со децении.
До дополнително известување, наведуваат, нема да има официјални односи меѓу двата клуба.