Челниците на ФФМ во посета на УЕФА и Чеферин

Челниците на Фудбалската федерација на Македонија, претседателот Масар Омерагиќ и в.д. генералниот секретар Дрилон Ганиу, на покана на претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, престојуваа во официјална посета на Нион и разговараа со првиот човек на европската фудбалска организација и неговите најблиски соработници предводени од Зоран Лаковиќ, директор на Национални асоцијации.

Претседателот на ФФМ, Омерагиќ го информираше претседателот Чеферин за клучните цели на нашата организација во следниот период, кои првенствено се однесуваат на заеднички инвестиции во инфраструктура, реформите во македонскиот фудбал и изградба, реконструкција и обнова на фудбалските терени во нашата држава.

–Постои почит и огромна желба меѓу нас да ги најдеме најдобрите решенија за одредени предизвици со кои се соочуваме за да продолжиме да го развиваме фудбалот на најдобар можен начин. Тоа првенствено се однесува на УЕФА инвестициските фондови и реформите во нашиот фудбал кои ни следуваат. Мора да дејствуваме веднаш за да избегнеме несакани работи и да тргнеме во позитивен тренд и нови успеси, изјави претседателот на ФФМ Масар Омерагиќ.