ФФМ со жестоко соопштение одговори на обвинувањата на Силекс

Во однос на последното соопштение на ФК Силекс, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и Одборот на судии во рамки на ФФМ на чело со претседателот Александар Ставрев, најостро ги осудуваат непрофесионалните, неетичките, неоснованите и злонамерни напади насочени кон претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ и комесарот Јосип Бартон, како претседавач со Комисијата за делегирање на судии.
Овие обиди за дискредитација претставуваат неприфатлив притисок врз стручните тела во ФФМ што работат исклучиво во интерес на македонскиот фудбал. Како водечка институција во македонскиот фудбал, ФФМ ќе продолжи со професионално и одговорно управување, без да подлегне на надворешни притисоци или било какви други влијанија а ќе ги искористиме сите расположливи механизми за заштита на интегритетот и нема да дозволиме било каков обид за манипулација и нарушување на угледот на ФФМ и нејзините официјални претставници, стои во дел од објавата на официјалната веб-страна на ФФМ.
Впрочем, за контрадикторноста и злонамерата во испратеното соопштение е токму фактот што претседателот на ФФМ многу децидно, уште по преземањето на функцијата, јасно кажа дека прв и основен приоритет на ФФМ е воведувањето на ВАР технологијата за што и се започнати активности. Притоа, неколкупати посочи дека дејствувањето и работата на Судиската организација е оставена на стручните лица, членови на истата и во ниту еден сегмент ниту некој може да влијае, ниту обидите за влијание на било кој член на судиската организација ќе минат без последици, се наведува во соопштението на ФФМ.