Ѓорѓиоски: Струга можеби има најквалитетен тим во првата лига!

Илчо Ѓорѓиоски ја прифати улогата и ја презеде клупата на Струга за продолжението од сезоната. Македонскиот првак е далеку во трката за трофејот, а тоа ја натера управата да ја прифати оставката на Ќатип Османи.

По доаѓањето на клупата, дебито Ѓорѓиоски ќе го има против Силекс в недела, а сега ја даде првата изјава по потписот со стружани.

„Задоволство е да се води овој клуб. Дојдов во шампионска средина, клубот има високи амбиции секоја сезона. Верувам во овој проект и мислам дека можеме да бидеме успешни. Мислам дека Струга има можеби најквалитетен тим, но мора да работиме на компактноста и очекувам сите играчи да го дадат својот максимум. Ако успееме во нашата намера, мислам дека би можеле на крајот да освоиме барем еден од трофеите, а зошто не и двата. Ја познавам екипата, го следев секој натпревар. Знам каков квалитет поседува тимот, но сега јас имам задача да го извлечам максимумот од сите поединци.

Целта е да создадеме колективен квалитет кој ќе ни донесе позитивни резултати. Пријатно сум изненаден од пречекот, од управата и од организацијата во клубот. Струга напредува изминативе години, сега ми е појасно зошто е тоа така. Ќе се подобруваме во сите сегменти, се надевам дека ќе имаме и европско лето. Имаме големо заостанување од позициите кои водат во еврокуповите, но мислам дека можеме да ги достигнеме. Ако освоиме најмалку еден трофеј сезонава, тоа ќе биде одличен успех за нас“, изјави Ѓорѓиоски.

Во моментов Струга е петтопласирана со 32 бода. Натпреварот во Кратово се игра в недела во 14:00 часот.