РБ Лајпциг ја постави цената за Шешко

Напаѓачот на Лајпциг, 21-годишниот Бенјамин Шешко, летово би можел да го напушти клубот и да ја продолжи кариерата во Премиер лигата, објавија во вторникот британските медиуми.

Репрезентативецот на Словенија сезонава игра во одлична форма. На 34 натпревари во сите натпреварувања постигна 17 гола и даде пет асистенции.

Неговиот договор со бундеслигашот е до крајот на јуни 2029 година, но летово би можел да направи трансфер, бидејќи може да биде активирана откупната клаузула која би можела да изнесува 80 милиони евра, во зависност од бројот на одиграни натпревари, голови и асистенции, откри инсајдерот Флоријан Плетенберг.

Британските медиуми тврдат дека англиските гиганти Манчестер јунајтед, Тотенхем и Арсенал би сакале да го ангажираат Шешко.

Како 16-годишник, Шешко се пресели од Домжале во австриски Ред Бул Салцбург во летото 2019 година за два и пол милиони евра. По четири сезони во Австрија, тој во јули 2023 година пристигна во сестрински клуб, германски Лајпциг, за сума од 24 милиони евра.

„Трансфермаркт“, неговата вредност ја проценува на 50 милиони евра.